Со буџетски пари се „крпи“ дупката во ПИОМ
Една третина од расходите на Фондот за пензиско осигурување се покриваат од државната каса. Приходите се зголемени, но не се доволни за покривање на дупката за исплата на пензиите – извештај на Државната ревизија.

Секоја петта пензија наместо од ПИОМ се исплаќа од државниот буџет. На Фондот му недостасуваат повеќе од 33 проценти од потребните приходи за социјални трансфери. Оваа критична состојба ја потврдија државните ревизори во последниот извештај. За да ја покрие пензиската дупка, државата во 2022 на Фондот му префрлила 530 милиони евра, иако истата година приходите на ПИОМ се зголемени за 11 проценти во однос на претходната година.
„Како резултат на наведеното се очекува и подолгорочно гледано, финансиското работење на Фондот да продолжи да биде оптоварено со тековниот проблем на зголемен дефицит кој се покрива со трансфери од буџетот“ – велат од Државниот завод за ревизија.
Неповолната демографска структура на населението, инфлацијата која ја зафати државата и обврската да се усогласат пензиите со трошоците за живот и пораст на платите, имале влијание на состојбата – пишува во извештајот на ревизорите.
Освен што не се надминати утврдените состојби од претходните години, констатирано е дека и натаму недостасува стручен кадар во институцијата. Но, најмногу загрижува дека во ПИОМ недостасуваат пари за исплата на пензии, па фондот мора да се финансира од буџетот.
Од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за МТВ, велат дека секоја година трансферот од државниот буџет изнесува една третина или 34,44 проценти од одобрениот буџет и досега пензиите редовно се исплаќаат, на почетокот од месецот. Тоа се трошоци кои државата се обврзала да ги покрива.
Поголема финансиска независност на Фондот може да се постигне со континуирано зголемување на вработеноста и порастот на платите. Со тоа би се зголемил соодносот осигуреник-корисник на пензија што е најзначаен параметар за пензискиот систем како нашиот.
Андријана Ѓурческа
