Политика

Претседателката Сиљановска-Давкова го додели мандатот на Мицкоски

06.06.2024 15:11

Претседателката Сиљановска-Давкова му го врачи мандатот за составување Влада на предводникот на коалицијата „Твоја Македонија“, Христијан Мицкоски. тој најави реформи и очекува процесот да заврши пред истекот на крајниот рок...

Доверувањето на мандатот на Мицкоски за состав на владата е вистински правен и политички чин. Ова е ставот на шефицата на државата Сиљановска-Давкова, која образложи дека преговорите што се во тек меѓу коалициските партнери ја увериле оти ВМРО-ДПМНЕ има легитимитет да ја предводи извршната власт.

Мицкоски го доби мандатот, но поголемиот предизвик допрва следува – да состави кабинет што ќе спроведе, како што најави, реформски политики. Имињата на министрите сè уште се држат во тајност и се предмет на договор меѓу идните партнери во владата – „Твоја Македонија“, „Вреди“ и ЗНАМ. Во моментов, како што соопшти Мицкоски, фокусот е насочен кон обезбедување двотретинска поддршка во Собранието за системските закони, но и за распуштањето на Судскиот и на Советот на јавните обвинители.

Рокот за состав на програмата на владата и селекцијата на идните министри треба да финишира до 25-ти јуни, но Мицкоски очекува порано да го достави документот до Собранието. За да стапат на функцијата идниот премиер и министри треба да добијат зелено светло од најмалку 61 народен избраник.

 

Анита Димитријевска – Велковска