Заострена реторика на релација Скопје-Атина
Кампањата за европските избори во полн ек. Грчкиот премиер Мицотакис секојдневно испраќа пораки до земјава – тој рече дека патот на Скопје и Тирана до ЕУ поминува низ Атина и побара Мицкоски да го почитува Преспанскиот договор. Идниот мандатар е категоричен – јас сум обврзан да ги почитувам Уставот и законите, добрососедните односи треба да се градат на принципиелна и конструктивна основа, но, тој праша што Атина има направено за спроведување на Преспанскиот договор и што Македонија доби од направените отстапки...

Не може да барате да се почитуваат законите и Уставот, а од друга страна да се кршат – очекувам со Грција да градиме добрососедски односи на принципиелна и конструктивна основа, како што доликува на 21-от век, му порача мандатарот Мицкоски на грчкиот премиер Мицотакис. Тој посочи дека нема намера да се однесува талибански, а такво нешто не очекува и од другата страна. Мицкоски е дециден – нема да ме видите придавката да ја повторувам како папагал. Рече дека го почитува Преспанскиот договор, но праша-дали Грција го прави тоа?
Грчкиот премиер уште еднаш му испрати порака на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, барајќи од него, кога официјално ќе стане премиер, да даде јасна изјава дека го почитува Договорот од Преспа, посочувајќи дека патот на Скопје и Тирана до ЕУ води преку Атина.
„Што се однесува до Балканот, Грција секогаш ја почитувала европската политика за Балканот. Како и да е, немаме илузии дека Балканот ќе биде поле на активност на партии и страни кои вложуваат во националистичкиот екстремизам, исто како и во Скопје, Северна Македонија. Мојата порака како актуелен премиер е многу јасна. Предизборниот процес заврши. Преспанскиот договор, којшто за нас е со многу проблеми, во секој случај, има основен законски услов, едно име за севкупна употреба „ерга омнес“. Мицкоски мора да го почитува и да има категоричен став кога ќе стане официјално премиер дека ќе почитува Договорот од Преспа“, изјави грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис.
Грчкиот премиер најави дека ова прашање ќе го покрене на Самитот на НАТО.
Наташа Гркова-Петрушевска
