Образование

В сабота се полага вториот екстерен испит

06.06.2024 15:04

Средношколците се жалат дека не биле доволно подготвени, наставниците дека не се платени. Матурантите задутре го полагаат изборниот екстерен испит...

Средношколците револтирани оти не биле доволно информирани за тоа како ќе се одвива полагањето на државната матура. Од професорите добивале неточни информации – дека при тестирањето ќе бидат снимани со камери, на тестирањето, кое трае повеќе од 3 часа, нема да смеат да понесат ни шише со вода а за да одат во тоалет ќе им треба медицинска белешка, вели за МТВ претседателот на Сојузот на средношколци Берим Мухамед. Според него, виновни за масовното препишување се тестаторите кои го дозволиле тоа.

Револтирани и професорите кои се во улога и на тестатори за државната матура. Оваа дополнителна обврска во два викенда не им се плаќа ниту добиваат слободен ден. Претседателот на Синдикатот за образование и култура Јаким Неделков вели дека овој проблем се провлекува со години. Надоместокот за наставниците за државната матура бил вметнат во колективните договор, но не бил усвоен.

Државниот испитен центар со зајакнати контроли пред саботното полагање на вториот изборен предмет од државната матура. Формирани 10 комисии, за секој предмет по една, кои ќе треба да ловат неправилности. За вториот предмет пријавени над 13.100 матуранти, најмногу за англиски јазик. Лани беа откриени над 3.000 ученици како препишуваат на тестот по изборниот предмет.

 

Викторија Милевска