Здравство

Трајановски: Со надворешни компресори досега изведени 70 операции

06.06.2024 16:11

Работите полека се враќаат во нормала, тврди директорот на Ортопедската клиника, доктор Александар Трајановски. Со надворешните компресори на Хируршките клиники досега изведени околу 70 операции. Сепак, лекарот потврди дека интензитетот на работата е двојно намален. За разлика од кај нив, во ГОБ „8-ми Септември“ имаат полни раце работа. Недостига кадар...

Освен Хируршките клиники во оваа ситуација трпи притисок и КАРИЛ, затоа што таму се пациентите на компресор, се бара решение за компримираниот воздух. На Ортопедија полека се зголемува бројот на интервенции, но е двојно помал од претходно.

Трајановски вели прифаќаат пациенти во рамки на можностите. Враќањето на функционалноста е неизвесно.

Во ГОБ „8-ми Септември“ за 50 проценти е зголемен обемот на работа. Најмногу имаат хируршки интервенции на абдомен. Потребен им е дополнителен персонал за непречено функционирање.

Веќе три недели како почна агонијата на пациентите поради нефункционирањето на хируршките сали. Извештаите за причината за хаосот сè уште непознати.

 

Наташа Јанчиќ-Менковски