СДСМ

Бајдевски влезе, Битиќи се откажа од трката

06.06.2024 20:40

Петмина кандидати во трка за претседател на СДСМ. На веќе познатите имиња им се приклучи и доскорешниот заменик-министер Бајдевски. Фатмир Битиќи одлучи да не влезе во трката, со образложение дека сака да спречи фрагментација на членството...

Петмина кандидати во трка за претседател на СДСМ: Славјанка Петровска, Венко Филипче, Јован Деспотовски, Златко Ристовски, а последниот ден им се придружи и Александар Бајдевски. Ќе гласаат сите членови кои ќе се регистрираат. Новиот претседател ќе биде познат по гласањето на 30-ти јуни.

Последен кандидатура поднесе Бајдевски, кој ја извршуваше функцијата заменик-министер за информатичко општество и администрација.

Екс министерката за одбрана, пратеничката Славјанка Петровска најавува внатрепартиски дебати и СДСМ како силна опозициска партија. Поранешниот министер за здравство Венко Филипче, кој е исто така народен избраник ветува позитивни промени чии резултати брзо ќе станат видливи.

Директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски нуди програма што обединува, а не фаворизира, како и Влада во сенка.

Доскорешниот потпретседател на партијата, сега пратеник Фатмир Битиќи, на социјалните мрежи објави дека нема да се кандидира, иако многумина тоа го очекувале. Најави дека останува во СДСМ и дека можеби ќе делува можеби како фракција.

Централната изборна комисија ќе ги разгледа сите кандидатури и ќе објави за кого може да гласа членството на 30-ти јуни.

 

Игор Панов