Собрание

На пленарна седница расправа за реорганизација на министерствата

07.06.2024 08:10

Новиот кабинет треба да брои 23 министри. Со Законот дел од министерствата ќе се реорганизираат, а ќе се формираат и нови. Министерство за економија ќе стане Министерство за економија и труд.

Во Собранието денеска ќе се расправа за реорганизацијата на министерствата. На дневен ред е Предлог-законот за организација и работа на органите на државна управа по скратена постапка што го предложи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Според него, корекциите се во насока на правилно функционирање, непоклопување на надлежностите, фокус на работите од областа на енергетиката, рударството и спортот.

Новиот кабинет треба да брои 23 министри. Со Законот дел од министерствата ќе се реорганизираат, а ќе се формираат и нови. Министерство за економија ќе стане Министерство за економија и труд. Сегашното Министерството за труд и социјална политика ќе биде Министерство за социјална политика, демографија и млади. Нови ќе бидат Министерството за спорт, како и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Туризмот оди под капата на Министерството за култура. Новина е и Министерството за дигитализација, а ќе има и ново Министерство за администрација.