Реакции по нападот на училиште во Газа
Жестоки реакции на Меѓународната заедница по израелскиот напад врз училиште во Појасот Газа. Нападот бил без претходно предупредување, тврдат до палестинската организација во Обединетите нации. Вашингтон бара од Тел Авив транспарентна истрага. За палестинските власти патот до мирот води преку признавање на палестинската држава...

Шефот на палестинската агенција на ООН Лазарини го обвини Израел дека не ги предупредил за нападот врз училиштето во Нусејрат во кој загинаа десетици цивили, меѓу кои и деца.
„Бевме во училиштето кога ги слушнавме проектилите. Истрчав надвор и видов пожар. Гореа три училници, загинаа многу луѓе, меѓу нив и татко ми“, изјави Маха Иса – раселена.
Првиот човек на хуманитарната организација Гутереш со осуда за нападот-објектите на мировниците мора да бидат заштитени.
„Таргетирањето или користењето на зградите на Обединетите нации за воени цели е бесрамно и непочитување на меѓународното хуманитарно право, просториите на ОН и операциите на ОН мора да бидат заштитени во секое време. А воените операции значително го дестабилизираа протокот на хуманитарна помош“, изјави Стефан Дујариќ -портпарол на генералниот секретар на ООН.
Вашингтон на линија со Тел Авив, но побара транспарентност. Израел тврди дека уништиле темпирана бомба на Хамас. Два пати го одложувале нападот поради цивили во областа.
„Запревме темпирана бомба. Разузнавачките служби ни укажаа дека Хамас дејствувал од внатрешноста на овие три училници. Комплексот неколку дена беше надгледуван од воздух. и покрај сложените оперативни услови, извршен е прецизен напад таргетиран на три специфични училници каде што се криеја терористите“, изјави Даниел Хагари – портпарол на израелската одбрана.
„Контактиравме со владата на Израел. Го кажаа во суштина она што го кажаа и јавно. Во исто време, ги видовме и извештаите на теренот, снимките и тврдењата за цивилни жртви. Очекуваме тие да бидат целосно транспарентни во објавувањето на тие информации“, изјави Метју Милер – портпарол на Стејт департментот.
Реагира и меѓународната заедница. Борел бара итна истрага и одговорност за смртоносниот напад. Вели-повторените извештаи од Газа покажуваат дека насилството и страдањето сè уште се единствената реалност за стотици илјади невини цивили. За палестинските власти, патот до мир води единствено преку признавањето на палестинска држава.
„Ако светот и Израел сакаат мир и стабилност во овој регион, тогаш решението е единствено и јасно, а стана уште појасно со војната во Газа. Мирот има поинаков пат. Патот до мир води преку признавањето на правата на палестинскиот народ и палестинската државност“, рече Мохамед Мустафа -премиер на Палестина.
Во истовреме, Ирак ја поддржа иницијативата на Бајден за примирје во Газа. Од Катар соопштија дека Хамас сè уште го разгледува предлогот додека израелската офанзива се фокусира во центарот на енклавата следејќи ги милитантите на Хамас за кои вели дека се прегрупирани таму.
Бојана Крстевски
