Украина

Француски борбени авиони „Мираж“ за Украина

07.06.2024 13:50

Француски борбени авиони „Мираж“, добива Украина – потврди претседателот Макрон. Макрон дециден дека на Киев треба да му се дозволи да го користи оружјето на западните сојузници за одбрана и неутрализирање на точките од каде што напаѓа Русија, но оружјето не смее да биде употребено за цивилни цели...

Украина добива француски борбени авиони „Мираж“ – потврди претседателот Макрон. Франција ќе овозможи и обука на украинските пилоти. Макрон дециден дека на Киев треба да му се дозволи да го користи оружјето на западните сојузници за одбрана и неутрализирање на точките од каде што напаѓа Русија, но оружјето не смее да биде употребено за цивилни цели.

„Француските борбени авиони ќе и овозможат на Украина да ја заштити својата земја и нејзиниот воздушен простор. Но, не дозволуваме нашето оружје да се користи за напад на цивили и бомбардирање цели во Русија, туку исклучиво за неутрализирање на руските напади“, изјави Емануел Макрон - претседател на Франција.

Украинскиот претседател Зеленски кој е во посета на Париз, во обраќањето пред француските пратеници повика на единство во Европа против агресијата на Русија. Повтори дека Украина е клучот за безбедноста на стариот континент.

Украина е таа која го држи клучот за безбедноста во Европа, бидејќи Русија без контролата врз Украина е обична национална држава“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

И американскиот претседател Бајден со силна поддршка за Украина. Вашингтон нема да отстапи од намерата за одбрана на Украина, нема да дозволи Русија да биде закана за Европа, рече Бајден.

„Нема да заминеме, бидејќи ако го направиме тоа Украина ќе биде потчинета, а Русија нема да заврши тука. Соседите на Украина ќе бидат загрозени, цела Европа ќе биде загрозена“, изјави Џо Бајден- претседател на САД.

Кремљ, пак, неколкупати предупредува дека земјите што го снабдуваат Киев со оружје со долг дострел ќе се соочат со последици.

Вашингтон нема да може да ја избегне одговорноста што и дозволила на Украина да користи американско оружје за напади врз цели на територијата на руската федерација. Нема да може да ја избегнат одговорноста, користејќи лаги и лицемерство“, соопшти Марија Захарова – портпаролка на Кремљ.

На фронтот украинската армија во моментот се бори да го спречи рускиот притисок во источните области. Руските напади се интензивирани во Харков и Доњецк каде руската армија се обидува да го искористи украинскиот недостиг на оружје и војници.

 

Маја Стојанова