Израелскиот напад врз училиште во Газа ја разбранува светската јавност
Израелскиот напад врз училиште во Газа ја разбранува светската јавност. Обединетите нации излегоа со осуда, Европската унија бара истрага и одговорност. Вашингтон го повика Тел Авив да биде транспарентен...

Шефот на палестинската агенција на ООН Лазарини го обвини Израел дека не ги предупредил за нападот врз училиштето во Нусејрат во кој загинаа десетици цивили, меѓу кои и деца. Објектите на мировниците мора да бидат заштитени-реагира Гутереш.
„Таргетирањето или користењето на зградите на Обединетите нации за воени цели е бесрамно и непочитување на меѓународното хуманитарно право“, изјави Стефан Дујариќ, портпарол на генералниот секретар на ООН.
Вашингтон на линија со Тел Авив, побара транспарентност. Израел тврди дека уништиле темпирана бомба на Хамас. Два пати го одложувале нападот поради цивили во областа.
„Запревме темпирана бомба. Извршен е прецизен напад таргетиран на три специфични училници каде што се криеја терористите“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.
„Контактиравме со владата на Израел. Го кажаа во суштина тоа што го кажаа и јавно. Во исто време, ги видовме и извештаите на теренот, снимките и тврдењата за цивилни жртви. Очекуваме тие да бидат целосно транспарентни во објавувањето на тие информации“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.
Реагира и Меѓународната заедница. Борел бара итна истрага и одговорност за смртоносниот напад. За палестинските власти, патот до мир води единствено преку признавањето на палестинска држава.
„Ако светот и Израел сакаат мир и стабилност во овој регион, тогаш решението е единствено и јасно. Патот до мир води преку признавањето на правата на палестинскиот народ и палестинската државност“, изјави Мохамед Мустафа, премиер на Палестина.
Ирак ја поддржа иницијативата на Бајден за примирје во Газа. Хамас сè уште го разгледува предлогот додека израелската офанзива се фокусира во центарот на енклавата следејќи ги милитантите за кои вели дека се прегрупирани таму.
Бојана Крстевски
