Народниот правобранител отвори предмет за хируршките сали
Додека се чекаат германските резултати и народниот правобранител отвори случај за мирисот во хируршките сали. Во меѓувреме капацитетите во останатите болници полни и до 100 проценти...

Народниот правобранител ќе проверува што ја предизвикува непријатната миризба во операциските сали на Хируршките клиники поради која три недели се затворени. Побарале информации од здравствените власти и отвори предмет по сопствена иницијатива.
„Побарани се одговори од надлежните за што точно станува збор, кои се причините, што е преземено во однос на решавање и надминување на оваа состојба. Побарани се информации и објаснувања и докази. До овој момент немаме добиено ништо повратно, по добивањето на одговорите од надлежните институции ќе можеме да одлучиме како понатаму ќе се води оваа постапка“, изјави Јован Андоновски, народен правобранител.
Во другите поголеми градови во земјава сè уште нема побарување за да се препраќаат пациенти од Скопје, но поради затворените хируршки сали на Клинички, притисокот врз болницата „8-ми Септември“ и клиниката „Св. Наум Охридски“ е сè посилен. Капацитетите се речиси целосно исполнети, операции се вршат само кај итни случаи, а листата на пациенти кои чекаат за интервенција се зголемува. Хирурзите во стара градска дневно оперираат околу 25 пациенти.
„Одложени се, не само на одделот за трауматологија, во целата болница се откажани сите елективни пациенти, за да можеме да излеземе во пресрет на побарувањето за итните пациенти кои доаѓаат од цела земја. Секој оддел си има списоци со листи на пациенти кои чекаат, но генерално, колку траело одложувањето толку ќе трае и периодот на надополнување“, изјави д-р Небојша Настов, Клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски.
Економската директорка апелираше што побрзо да се надмине проблемот на хируршките клиники, за да можат работите да се вратат во нормала. Вели им недостигаат медицински сестри и очекуваат помош од Клиничкиот центар.
„Имаме добиени допис од Министерство за здравство доколку имаме потреба од медицински кадар, но сè уште не сме добиле помош, сега очекуваме. Колку побрзо се надмине проблемот на Хируршките клиники и кај нас ќе се среди состојбата“, изјави Нермин Шаќири, економска директорка во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.
Хируршките клиники во Клиничкиот центар работат со двојно намален интензитет. Во функција се само две операциски сали. Предност им се дава на пациентите со малигни заболувања и фрактури. Според проценките на хирурзите, за овие 20-тина дена откако се затворени салите – откажани се околу 2.000 операции, а се стравува дека летниот период дополнително ќе ја пролонгира листата на чекање.
Здравствените власти сè уште не знаат што ја предизвикува непријатната миризба поради која речиси три недели се затворени операциските сали на Хируршките клиники. Нема информации ниту дали се готови резултатите од примероците од гас кои ги испитуваат германски експерти.
Андријана Ѓурческа
