Изгласан Законот за реорганизација и работа на органите на државната управа
За измените на Законот гласаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, на „Вреди“ и на партијата ЗНАМ, како и пратеници на „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ...

Неколку часа по полноќ, Собранието со 88 гласа „за“ и 22 „против“ ги донесе измените и дополнувањата на Законот за организација и работа на органите на државната управа, со што се создаваат услови за формирање на нова Влада која треба да биде предводена од мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. За измените на Законот гласаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, на „Вреди“ и на партијата ЗНАМ, како и пратеници на „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ.
ВМРО-ДПМНЕ и „Европскиот фронт“ синоќа објавија дека постигнале договор за поддршка за измените, како и за формирање на ад хок комисија во Собранието за правична застапеност. На расправата за Законот пратениците од СДСМ предупредија дека со оваа реорганизација на министерствата и државната управа не се прави реформа туку таа е политички мотивирана за задоволување на потребите на новата владината коалиција. Посочија и дека не се предвидува колкава ќе биде финансиската импликација, а Законот се носи без анализа и дебата.
Пред да се донесат измените на Законот, имаше дебата во Комисијата за политички систем.
