Зголемен бројот на разводи, намален на бракови
Ќе се доведе ли семејството како основна општествена клетка во криза? Статистиката покажува зголемен број на разводи, а намален на бракови. Психолозите советуваат неопходна е заштита на семејството, добрите релации, особено кога партнерите се оствариле како родители …

Зголемен број на разводи, а намален на бракови, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Лани во државата биле склучени за 1,6 отсто помалку бракови во споредба со претходната година. Бројот на разводи пак е зголемен за дури 9,4 отсто. Односно вкупно 1.765 партнери ставиле крај на бракот. И од Центарот за социјални работи потврдуваат дека на дневно ниво имаат од 30 до 40 барања за развод.
Според статистиката најмногу разводи се случуваат кај возрасната група од 35 до 39 години. Односно најмногу разводи се од 5 до 9 години по склучувањето на бракот.
Психолозите укажуваат дека разводот е стресна состојба и носи последици. Луѓето велат се повеќе одлучуваат да живеат во вонбрачни заедници.
„Навистина е загрижувачки затоа што знаеме дека разводот е една многу стресна ситуација која може да влијае и да носи последици, пред за време на разводот и после кај партнерите во однос на нивното психолошкото и социјалното влијание но и врз потесното и поширокото семејство“, истакна Соња Угриновска, психолог.
Граѓаните пак сметаат дека намалениот број на бракови се должи и на финансиската состојба на партнерите.
Експертите советуваат партнерите да побараат поддршка, советување за да се обидат да ја надминат кризата. Потоа доколку е неопходно да го прекинат бракот. Но и тогаш се неопходни добри односи особено доколку станува збор за семејство со дете.
Елена Георгиевска
