Урбанизам

Дивоградбите во Охрид го уништуваат старото градско јадро

09.06.2024 15:04

Проблемот со дивоградбите во старото градско јадро на Охрид датира од пред повеќе децении, но надлежните институции не само што не ги решаваат старите проблеми, туку дозволуваат да се појавуваат и нови. Дека малку се води грижа за сочувување на автентичната охридска архитектура говори податокот дека во педесеттите години на минатиот век дел од куќите биле запишани во Националниот регистар за споменици на културата, меѓутоа до 2010-та дури педесет објекти добиле акт за престанок на нивниот заштитен статус поради несоодветни интервенции …

Поради неефикасност на Државниот градежен инспекторат и инспекцискиот надзор на Управата за културно наследство никнуваат дивоградби во старото градско јадро на охрид. Ова е ставот на експертите од Завод и музеј од Охрид кои укажуваат по донесувањето на Законот за легализација во нивната институција од 2012-тата до 2020-тата година пристигнале 116 барања за легализација за кои е дадено негативно мислење. Од таму укажуваат дека мора да му се стави крај на самоволието на граѓаните кои градат нелегално.

„Порано знам дека имаше истурена канцеларија од инспекциските служби од Скопје во Охрид и тие беа нонстоп на терен и постојано ги контролираа таквите случувања во градов и беа навремено санкционирани. Можеби тоа е решението и во иднина да се воспостави таква канцеларија во Охрид повторно, меѓутоа секако и зголемување на казните“, изјави Горан Патчев од Завод и музеј Охрид.

И од локалната самоуправа реагираат на неефикасноста на Државниот градежен инспекторат, затоа што немаат ингеренции на заштитениот простор, а притисокот на граѓаните е врз општинската власт.

„Ние како локална самоуправа којашто го увиде овој проблем ќе бараме решение на овој проблем и буквално ставање на сите инспекциски служби во една служба. Како тоа ќе се изведе, кога ќе се изведе, дали ќе се изведе не знам, меѓутоа посебно во овој дел којшто го напоменавте праксата покажа дека е нефункционален“, изјави Кирил Пецаков-градоначалник на Охрид.

Најголемиот дел од плановите за стариот дел од градот датираат од 1996 година, а неурбанизирањето токму на тој простор е уште една причина за дивоградбите.

Поради тоа една од препораките на УНЕСКО е да се направат нови ДУП-ови за 19 комплекси во старото градско јадро.

 

Сашо Нелоски