ЗЕМЈОДЕЛСТВО

Македонскиот лешник ќе се извезува во Швајцарија

08.06.2024 15:03

Македонскиот лешник е квалитетен и има потенцијал за поголем пласман. Швајцарскиот пазар е заинтересиран за увоз, но производителите се соочуваат со низа проблеми...

Бошко Нелковски 15-тина години одгледува органски лешници на околу 12 хектари. Осум тони лешници годишно извезува во Швајцарија. Вели, лешникот е доста издржливо растение на ниски температури, а земјава има предуслови за производството да се зголеми. Но, изминатите три години субвенциите им се намалени на производителите на лешници, додека трошоците за производство растат. Додава - неопходна е поддршка од ресорното министерство и законски измени за олеснителни околности при извозот.

70 отсто од светското производство на лешници и припаѓа на Турција. Но, трговците од Швајцарија велат дека македонскиот лешник е поквалитетен и токму затоа се насочени кон македонскиот пазар. Македонскиот лешник има А класа сертификат за добавувач.

Со цел да им се помогне на производителите да бидат конкурентни на европските пазари, но и да слушне што бараат купувачите за да се усогласат, на Конференцијата присуствуваше и дополнителниот министер за земјоделство Цветан Трипуновски. Еден од приоритетите е вели Законот за органско производство, со кој ќе се олесни и извозот на лешници.

Како земја засега можеме да извеземе околу 10 тони лешници, а Швајцарија е подготвена да откупи и до 200 тони.

 

Александра Велинова