Раст од речиси 10% на индустријата во мај
27.06.2014 17:17
Според главните индустриски групи, производството во мај 2014 година, во однос на мај 2013 година, бележи пораст кај интермедијарни производи...

Државниот завод за статистика објави дека индустриското производство во мај годинава, во однос на истиот месец минатата година бележи раст од 9,7 отсто. Најголемо зголемување има во секторот за производство на хемикалии и хемиски производи за 43,5 отсто, производи од гума и пластични маси 57,9 отсто, производство на облека 33,6 отсто, производство на електрична опрема од 50,5 отсто, преработувачка индустрија бележи пораст од 16,2 отсто, а рударството и вадењето на камен бележи пораст од 13,9 отсто, додека во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација има пад од 26,1 отсто. Голем пад има и кај производството на мебел од 19,9 отсто.
Според главните индустриски групи, производството во мај 2014 година, во однос на мај 2013 година, бележи пораст кај интермедијарни производи, освен енергија за 6,4 отсто, капитални производи за 77 отсто и кај нетрајни производи за широка потрошувачка за 10,9 отсто, додека опаѓање бележи кај енергија за 10,8 отсто и трајни производи за широка потрошувачка за 19,7 отсто. Индексот на индустриското производство во периодот јануари – мај 2014 година, во однос на периодот јануари – мај 2013 година, изнесува 104,5 отсто.
