Со 88 гласа „за“ изгласан Законот за реорганизација на министерствата
Со 88 гласа „за“, два ипол часа по полноќ беа изгласани измените на Законот за трансформација во државната управа. Со реорганизацијата, бројот на министерства се зголемува од 16 на 20. Ќе има четири нови ресори. За мнозинството, ќе има – поефикасни и потранспарентни институции. Остана забелешката на опозицијата дека решението се носи по скратена постапка...

Прекројувањето на дел од министерствата – за ВМРО-ДПМНЕ е прв чекор кон трансформација на Македонија. Според нив, усвојувањето на законските измени ќе резултира со поефикасни и потранспарентни институции, а истовремено, како што велат – ДУИ нема да биде во позиција да условува.
За законското решение кое дојде на предлог на Мицкоски, рано изутринава гласаа 88 пратеници. Освен идните коалициски партнери, ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ, идејата за реорганизација на дел од постојните ресори во Владата ја поддржа и „Европскиот фронт“, предводен од интегративците на Ахмети.
Од Коалицијата „Вреди“ се задоволни што ДУИ омекнале во реториката и ја поддржале реорганизацијата на Владата.
Добро е што дел од ДУИ на прашањето за реорганизација на министерствата покажа дека може да биде и конструктивна опозиција. После бојкотот на гласањето за Африм Гаши заедно со Левица, ова е мал исчекор кон прифаќање на реалноста“, се вели во соопштението од коалицијата „Вреди“.
СДСМ и Левица не се согласија законските измени да се носат по скратена постапка, и како што велат – без дебата и консултација на експертите.
Со новиот Закон, Министерството за економија го интегрира ресорот – Труд, а Социјална политика се проширува со демографија и млади. Треба да се надгради она за Дигитална трансформација и администрација, а Култура ќе ја опфати и туристичката дејност. Реорганизацијата креира нови министерства – за Спорт, и за Енергетика, рударство и минерални суровини.
Анита Димитријевска – Велковска
