Продолжува гласањето за нов состав на Европскиот парламент
Во финале влегува гласањето за нов состав на Европскиот парламент. Околу 360 милиони европски гласачи се повикани на гласање до утре за да ги изберат своите 720 претставници во Европскиот парламент...

Ретко кога европските избори биле толку многу важни, четириесет и пет години по првите од ваков вид. Војна на континентот, друга на Блискиот Исток. Индустриски прашања, конкурентност, пристап до ресурси, за да постои и опстои во технолошкиот и дигиталниот свет во кој доминира одмерувањето на силите меѓу Кина и САД. Сенката на Русија, која долго време ги заспа европските земји со својот евтин гас, сее дезинформации за да ја ослабне нивната поддршка за Киев и се договара со екстремната десница и ксенофобите од континентот.
Ова се „многу специјални“ избори, подвлекува Тара Варма, визитинг-истражувач во Институтот „Брукингс“. Граѓаните разбраа дека Европскиот парламент се занимава со големи социјални прашања, климатското прашање, имиграцијата, земјоделството, социјалната правда. Но, оваа „паневропеизација“ на дебатите парадоксално оди во насока што се состои од ограничување на овластувањата на Европа. Ние сме во логиката на Европа на нации, со десницата и екстремната десница кои ги монополизираат дебатите околу имиграцијата и отфрлањето на климатските прашања, како што тоа го прави АфД во Германија и Националниот митинг во Франција. Со интерес се следат и изборите во Италија, каде што партијата „Фратели Италија“ на Џорџија Мелони може да ги крои идните коалиции во ЕП и се надева дека односот на силите ќе се промени во идниот состав на ЕП, каде групата на Европските конзервативци и реформатори може да премине од 68 на 90 седишта.
„Мислиме дека можеме да ја користиме оваа сила за да ја постигнеме нашата цел. Сигрен сум дека нашата делегација може да стане една од најважните во ЕП. Можеби и најголемата. Мислам дека имаме можност, што не треба да ја пропуштиме, да покажеме дека е можна една друга“, изјави Никола Прокачини – европратеник Фратели Италија.
Никола Прокачини повикува на сојуз кој ќе ги заштити надворешните граници и внатрешниот пазар, оставајќи ги државите да дејствуваат во функција на нивните интереси.
Во Холандија, која гласаше во четвртокот, на 6-ти јуни, првите проценки за излез од гласачките места нудат слика за тоа што може да се случи на континентот во недела навечер. Партијата за слобода (ПВВ, крајна десница) на Герт Вилдерс, би направила историски пробив со освојување на 7 места од 31 доделени за земјата, наспроти 8 места за сојузот меѓу еколозите и лабуристите. На европско ниво, според последните проекции, ЕПП (централно десно) би го задржала мнозинството. Либералите од Ренју и левиот центар (С&Д) би изгубиле места, но особено групата Зелени би се намалила за една третина.
Знак на времето, пет години подоцна, тие ќе бидат претекнати од двете екстремно десничарски групи: Идентитет и демократија (ИД) и европските конзервативци и реформисти (ЕЦР).
Тони Гламчевски
