Во штипско и карбинско почна жетвата на јачменот
На околу 4.000 хектари во штипско и карбинско почна жетвата на јачменот. Земјоделците очекуваат рекордна година и приноси од 450 килограми од декар. Вкупно од јачмен и пченица треба да се соберат околу 22.000 тони...

Комбајните влегоа во нивите. Штипско и Карбинско се првите општини од Источниот регионот каде што започна жетвата на јачменот:
„Само што почнуваме. ќе жнеам на површина од 8 ХА и се надевам на добар род“, изјави земјоделец од с. Крупиште.
Годинава климата беше добра за житата, па земјоделците очекуваат рекордна жетва.
„Годинава сум задоволен. Очакувам приноси од околу 400 кг. по декар. лани одвај полневме по 2-3 вреќи, годинава мислам дека ќе има по 10-тина“, изјави земјоделец од с. Балван.
Приоритет на земјоделците сега им е да го соберат родот, но во исто време тие мислат и на продажбата. Лани, јачменот се продаваше по цената од 10, а пченицата од 14 денари за килограм. Кои се очекувањата за оваа година.
„Мислам дека цената не треба да биде пониска од 13 денари за јачмен, односно 15 за килограм пченица. Така ќе имаме да ги покриеме сите трошоци, а ќе остане и некој денар за нас“, сметаат земјоделците.
Во Штипско и Карбинско, под жиратици се околу 6.500 хектари од кои годинава се очекувата приноси од околу 22.000 тони. На ниво на Источен регион, ќе се жнее на 15.000 хектари, а претпоставените приноси се околу 60.000 тони.
Оливера Жежова
