Бајден и Макрон ја потврдија поддршката за Украина
Претседателите на Франција и на САД во Париз го поддржаа користењето на профитот од рускиот имот, заробен во Европа, за помош на Украина...

Русите ја намалија активноста во харковската област, но продолжуваат да се прегрупираат, изјави шефот на харковската област Олег Синегубов. Украинската армија тврди дека активни борби се водат во Вовчанск, Харков и дека тие го држат најголемиот дел од градот. Од друга страна, Москва продолжува да известува за соборување на беспилотни летала над регионот на Белгород.
Претседателите на Франција и на САД во Париз го поддржаа користењето на профитот од рускиот имот, заробен во Европа, за помош на Украина. Американската администрација јасно стави до знаење дека нема да учествуваат во планот на Макрон за испраќање воени обучувачи во Украина. Макрон, пак, најави дека Франција ќе продолжи со поддршката за Украина онолку долго колку што е потребно.
„САД се цврсто на страната на Украина и другите сојузници. Ја поздравуваме помошта на европските сојузници од 107 милијарди долари за Украина од почетокот на војната“, изјави американскиот претседател Џо Бајден.
Макрон вети поддржување на американските предлози за прекин на огнот во војната меѓу Израел и Хамас.
„Сакаме да постигнеме итен прекин на огнот и да ја отвориме перспективата за политичко решение способно да создаде услови за траен мир што може да ги исполни безбедносните барања на двата народи. Затоа го поддржуваме предлогот на САД за сеопфатен глобален договор“, изјави францускиот претседател, Емануел Макрон.
