Здравство

Во Куманово сè уште трае епидемијата од пертусис

09.06.2024 12:24

Вкупно 39 лица на територијата на Куманово се заболени од пертусис. Заболени има и во останатите градови во североистокот. Лицата се на различна возраст од доенчиња до повозрасни …

Вкупно 39 лица на територија на Куманово којашто ја покрива Центарот за јавно здравје, се заболени од пертусис. Епидемијата од голема кашлица сè уште е во тек. По четири случаи се евидентирани и во Крива Паланка и Кратово. Првиот случај на голема кашлица во Куманово беше евидентиран на 6-ти февруари.

„Заболените од последните пријавени случаи се на различна возраст од доенчиња до постари лица. Повеќето од заболените се дечиња, под една и до четири годишна возраст“, велат од Центарот за јавно здравје Куманово.

Најдобрата заштита за дечињата од оваа болест е имунизацијата. Тоа е и препораката на здравствените лица, но и на граѓаните.

Според статистиката на Центарот за јавно здравје половина од заболените биле имунизирани.

Поради актуелната состојба продолжуваат мерките за засилени епидемиолошки истражувања, откривање сомнителни случаи, проверки на вакцинални статуси и привремено отсуство од установите.

Препорака до установите особено градинките е да не се примаат деца со сомнителна кашлица и температура, зајакнати се мерките за хигиена, забрани за посета во болницата на хоспитализираните.

 

Елена Георгиевска