62 години од првиот македонски игран филм „Фросина“

28.06.2014 13:29

Првиот македонски игран филм „Фросина“, чија премиера се случи во 1952 година, трајно ги помести границите на македонската кинематографија и отвори нова ера во развојот на македонската седма уметност...

Фросина e првиот македонски игран филм по сценарио на стружанецот Владо Малески, а во режија на Воислав Нановиќ. Претставен е во 1952 г. Снимател бил Киро Билбиловски, а музиката ја компонирал Трајко Прокопиев, сценографијата е на Милан Васиќ, а асистент на режија бил Трајче Попов. Премиерата била одржана на 28 јуни 1952 година во скопското кино „Култура“.

Стружанецот Владо Малески не само што е познат како автор на Македонската химна „Денес над Македонија се раѓа”, тој е познат и по пишувањето на сценариото за првиот Македонски игран филм „Фросина”.

Првиот македонски игран филм „Фросина“, чија премиера се случи во 1952 година, трајно ги помести границите на македонската кинематографија и отвори нова ера во развојот на македонската седма уметност. Младите прочитале но и слушнале за Владо Малески од постарите.

„Од постарите луѓе дознав дека Владо Малески е првиот што го напишал филмот Фросина...Владо Малески е сценарист на првиот македонски филм а исто така тој е автор на химната Македонска“, велат младите стружани.

Дека традицијата е потсетник на минатото, а тоа треба да се чува, ни раскажа и дедо Аспарух кој има напишано многу книги, афоризми и сеќавања од својот живот. Тој жали за тоа дека денес Струга ги има изгубено тие вредности.

„Историското минато овој град го поврзува токму со Фросина и многу други дела. Со бришење на минатото се бриши и традицијата, се бриши и потеклото на народот и оди во заборав“, вели дедо Аспарух.

Мери Бошкова, Љупка Џундева и Ацо Јовановски, беа дел од актерската екипа која настапи во филмот, а низ сценариото на Владо Малески првпат го претставија македонскиот јазик на големото платно.

Јованчо Наумоски