Состанок на министрите за култура на ЈИЕ: Културите да се интегрираат во функција на развојот
Охрид е домаќин на првиот состанок на Советот на министри за култура на Југоисточна Европа- јакнење на културата во функција на развојот. Министерската конференција на која учество зедоа 7 министри и еден заменик- министер за култура резултира со конкретни заклучици и проекти кои ќе ја унапредат и интензивираат регионалната соработка...

Потребно е да покажеме дека културите можат да се интегрираат во стратегиите за развој со конкретни цели и индикатори за искоренување на сиромаштијата, унапредување на образованието и помирувањето помеѓу народите, беше речено на отворањето на конференцијата.
„Земјите од Југоисточна Европа можат да одиграат клучна улога за да им помогнат на политичките лидери да ја разберат моќта на културата, како индустрија која што овозможува работни места и зголемување на економскиот раст,а во исто време придонесува за одржливост, промовирање на дијалог и заштита на идентитетот“, рече Ирина Бокова - генерален директор на УНЕСКО.
Република Македонија, културата во вистинска смисла на зборот ја стави во функција на целокупниот општествен развој, како корисна индустрија за социјална и економска благосостојба на државата, рече министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска. Во време на глобална економска криза, кога целиот свет се соочи со проблеми со буџетирањето нашата влада инвестираше во многу големи капитални проекти, рече таа.
„Како влада ги цениме сите оние наши уметнички и културни вредности и вредностите на нашето културно наследство и ги позиционираме на многу значајно место,пред се како еден бенефит во севкупниот општествен развој на државата“, нагласи Канческа Милевска.
Во рамките на конференцијата беше постигнат заеднички договор за поставување на Советот на министри за култура- јакнење на културата во функција на развојот, како најзначајна изворна иницијатива во регионот.
Сашо Нелоски
