Свети Спасе Вевчански и Света Спаса Вишенска канонизирани во светители
Историски настан за МПЦ денес во катедралата Св. Софија во Охрид. По речиси еден век заврши постапката за прогласување на двајцата нови светители. Свети Спасе Вевчански и Света Спаса Вишенска канонизирани во светители …

МПЦ од денес е побогата со двајца нови светители. Свети Спасе Вевчански и Св. Спаса Вишенска со одлука на Синодот на МПЦ беа канонизирани во катедралната Св. Софија во Охрид.
Процесот траеше речиси еден век, се собираа научни факти, докази, сведоштва. Насликана е икона, испишани се житие и акатист.
„И во периоди кога сме биле подвластени и црковно и национално и тогаш кога да се биде христијанин се губело и глава и во времиња во кои да се служи на црковно словенски јазик и да се проповеда на мајчиниот јазик било забранувано и казнувано, ете и тогаш нашиот народ се држел до својата вера и раѓал личности кои ја живееле евангелската максима“, рече г.г. Стефан.
„Денес ја сведочиме живата црква во Македонија, канонизацијата на новите македонски светители што е особено значајно, голема духовна придобивка но и белег на едно наше време кое свртено наназад низ вековите сведочат а еден свет живот на двајца наши светители“, вели Даријан.
Култот кон двајцата светители Спасе и Спаса, кои биле брат и сестра од струшкото село Заграчани, а животот го минале во манастирите во Вевчани и Вишни, во Јабланичкиот и Струшкиот регион трае со векови. Верниците со радост го дочекаа нивното впишување во Диптихот на светиите.
„Ние од Кичево сме дојдовме да направиме чест на Света Софија, ние сме православни“.
„Многу премногу е значајно, ние треба да се одржуваме како православни и мило ми е што имаме плус двајца светители“.
„Ова е осветување на Свети Спас и Света Спаса голем христијански празник за сите наши светители“, велат дел од анекитараните граѓани.
На свечениот чин на канонизација покрај големиот број верници од земјава, свештенството на МПЦ, имаше и гости од Српската и Бугарската Православна црква.
Соња Рилковска
