Работните групи преговараат за состав на Владата
Коалициските партнери ги финализираат преговорите и за директорските позиции во институциите. ВМРО-ДПМНЕ таинствени, од „Влен“ веќе откриваат во кои фотелји ќе седнат нивни кадри. Партиските тела ќе го филтрираат договореното …

Уставните рокови притискаат, идните коалициски партнери заседаваат, а кои имиња ќе бидат предложени за министри, заменици и државни секретари – официјално не се соопштува. Од ВМРО-ДПМНЕ се на став дека кадровскиот избор треба да се потврди од највисоките партиски тела и нема да лицитираат со имиња додека преговорите не завршат.
Додека работните групи преговараат за директорските места, во јавноста излегуваат информации дека албанската коалиција ќе постави свои кадри во МЕПСО, Македонија пат, Управата за финансиско разузнавање, Пошта, а ќе имаат и директори во дел од затворите и клиниките, но официјално за ова нема потврда. Собранискиот спикер Африм Гаши, за МТВ рече дека Коалицијата „Вреди“ ќе има 6 министерства.
Од движењето ЗНАМ сè уште не одлучиле кого ќе предложат за функционери во Владата. Велат оти извештајот на работните групи по завршените преговори треба да биде потврден од партиските тела по што ќе следува нова постапка на која ќе се изберат предлог-носителите на јавните функции.
„Приоритет во разговорите се усогласување на програмските платформи и нивно вградување во владината програма, како и принципите за функционирање на Владата. Отворени се прашањата и за одредени ресори, но тие во овој момент не се докрај дефинирани, ниту потврдени, а разговорите продолжуваат континуирано во наредните денови“ – велат од движењето ЗНАМ.
Рокот за усогласување на програмата и формирање на Владата истекува на 25-ти јуни.
Анита Димитријевска – Велковска
