Фудбал - СП Бразил 2014

Бразил-Чиле

28.06.2014 14:03

Неодминливо, притисокот врз бразилските фудбалери од час во час се зголемува. Јавноста ќе ја признае само шестата светска титула! Се друго ќе биде неуспех. Внимателно се следи што се случува во тренинг кампот...

Нокаут фаза! Нов мундијалски почеток, попровакативен, понеизвесен, многу поинаков.Настапи без можност за поправен! На отворањето главниот актер е одново домаќинот, Бразил. Во Бело Хоризонте ќе игра против Чиле. Натпревар со кој се повторува историјата од претходното светско првенство. На денешен ден пред 4 години во Јоханезбург во 1/8 финалето играа Бразил и Чиле.

„Кариоките“ победија со 3:0 со головите на Жуан, Луис Фабијано и Робињо. Уште двапати пред тоа Бразил му се испречуваше на Чиле на мундијалскиот пат: во 1962 со 4:2 и во 1998 со 4:1. „Статистиката ништо не значи.Со наименувањето на Сампеоли, Чиле стана репрезентација која игра добар, динамичен фудбал многу подобар од пред тоа.“- вели тренерот на Бразил Луис Фелипе Сколари.

Неодминливо, притисокот врз бразилските фудбалери од час во час се зголемува. Јавноста ќе ја признае само шестата светска титула! Се друго ќе биде неуспех. Внимателно се следи што се случува во тренинг кампот. Брзо беше протурена информацијата дека Давид Луиз побарал лекарска помош на последниот тренинг. Под лупа се и настапите на Паулињо, но  шпекулациите дека нешто ќе менува во составот ги отфрла токму Сколари: „Слепо верувам во Паулињо“-вели тој.

Бразил е во извонредна победничка серија под раководство на Сколари. На последните 12 натпревари има 11 победи. Само Мексико во групната фаза од светското првенство им одолеа на Бразилците. Овој состав на Бразил последен пат е совладан во август минатата година од Швајцарија.

Колкава е заканата за домаќинот од Чиле? Оправдано ли е малото студенило околу срцата на Бразилците во пресрет на натпреварот? Чиле, вистинската сила ја покажа  уште во мундијалските квалификации, со учинок кој во ниту еден момент не ја доведе во прашање поставената цел. Моќта на овој состав се потврди против Шпанија. Чиле уверливо со 2:0 го порази светскиот првак во директниот дуел за место во 1/8 финалето. Поразот од Холандија без поголемо значење,не ја разниша самодовербата.

Предводникот на Чилеанците, Алексис Санчез беше директен во комуникацијата со новинарите: „Ги респектираме Бразилците, но можеме да ги победиме. Тука сме дојдени да пишуваме историја. Ќе се обидеме да го освоиме светското првенство.“ Чилеанската спортска јавност ги враќа сеќавањата на далечната 1962 година, кога Чиле како мундијалски домаќин одлета високо, до „утешното финале“ во кое ја совлада екс-Југославија со 1:0 и го освои третото место.

Ниту пред, ниту потоа Чилеанците не дојдоа во ситуација да го повторат подвигот од 62-та. Едно е сигурно, дека денеска во Бело Хоризонте ќе направат се, 1/8 финалната рунда да започне со сензација.