ГЕРБ на Борисов во водство на парламентарните избори во Бугарија
Партијата ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов е во водство на парламентарните избори во Бугарија, покажуваат првичните излезни анкети.

Партијата ГЕРБ на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов е победник на предвремените парламентарни избори во Бугарија и на изборите за европратеници, покажуваат прелиминарните резултати од гласањето. Според првичните изборни резултати кои ги пренесуваат бугарските медиуми, партијата на Борисов освоила 25,8 отсто од вкупниот број гласови на денешните избори за пратеници во бугарскиот парламент.
Второто место, е сè уште неизвесно и за него се борат коалицијата „Продолжуваме со промените/демократска Бугарија“ на Кирил Петков и Христо Иванов и Движењето за права и слободи. Според прелиминарните резултати од освоените гласови, ГЕРБ ќе има 73 пратеници во 240-члениот бугарски парламент, Коалицијата за промени – 44 пратеници, Движењето за права и слободи – 42 пратеници, Преродба – 39 пратеници, Бугарската социјалистичка партија – 24, а Има таков народ – 18 пратеници.
Ова се шести предвремени избори во Бугарија за три години.
