Град Скопје распиша оглас за раководни позиции
28.06.2014 14:12
Заинтересираните кандидати на овој оглас треба да се пријавуваат само по електронски пат. Апликацијата за огласот може да се најде на веб-страницата на Град Скопје...
Скопскиот градоначалник Коце Трајановски на денешната прес-конференција ги повика сите заинтересирани кандидати кои имаат соодветно образование, кои поседуваат менаџерски способности и лидерски вештини и кои се подготвени за тимска работа да се пријават на Огласот за пројавување интерес за ангажирање лица на раководни позиции во Градот Скопје, во градските јавни претпријатија и во културните институции што се во надлежност на Град Скопје.
Огласот, како што нагласи Трајановски, се однесува на вкупно 16 раководни позиции во Градот Скопје, една раководна позиција во Противпожарната бригада на Град Скопје, 5 раководни позиции во културните установи на Град Скопје и 36 раководни позиции во јавните градски претпријатија „Комунална хигиена“, „Паркови и зеленило“, „Улици и патишта“, „Градски паркинг“, „Водовод и канализација“ и ЈСП.
Од кандидатите се бара да имаат повеќегодишно работно искуство и соодветно образование за преостанатите позиции, а за позициите во администрацијата на Град Скопје потребно е и повеќегодишно искуство во државна служба, да ги поддржуваат политиките на Град Скопје во областа за која се пријавуваат, да ги исполнуваат законските услови за позицијата за која се пријавуваат, како и задолжително да го познаваат англискиот јазик.
Можност за пријавување на овој оглас имаат сите кандидати кои своето образование го оформиле во Република Македонија или во странство.
Заинтересираните кандидати на овој оглас треба да се пријавуваат само по електронски пат. Апликацијата за огласот може да се најде на веб-страницата на Град Скопје –www.skopje.gov.mk/konkursi. Крајниот рок за аплицирање е 25 јули 2014 година.
