Европска унија

Подем на екстремната десница и можен нов мандат за Фон дер Лајен

10.06.2024 09:35

Десноцентристичката Европска народна партија останува најбројна политичка групација во Европскиот парламент пред левоцентристичката Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите. Завршија неколкудневните избори во 27-те земји-членки на Европската унија...

Бурна ноќ во Брисел по изборите за новиот состав на Европарламентот. Десницата постигна подобар резултат од пред пет години, но недоволен за мнозинство. Фон дер Лајен очекува нов мандат откако Европската народна партија освои 189 мандати. Најави дека ќе изгради бастион против екстремите од левицата и десницата.

„Заедно со другите ќе изградиме бастион против екстремите од лево и од десно. Ќе ги спречиме. Ова е сигурно. Тоа што граѓаните го очекуваат од нас е да испорачаме. Тоа Европа го дава, силна Европа“, изјави Урсула Фон дер Лјен, претседателка на Европската комисија.

Европско засилување со предвидената победа и освоени 29 насто од гласовите доби и екстремнодесничарската партија на италијанската премиерка Мелони.

„Ова го сфаќам како нечија порака што вели одете напред и направете го тоа, ако е можно, со поголема решителност. Знак што сум подготвена да го искористам. И горда сум што одиме кон Г7 и кон Европа со најсилната влада од сите“, изјави Џорџија Мелони, премиерка на Италија и лидер на десничарската партија „Браќата на Италија“.

Францускиот претседател Макрон и германскиот канцелар Шолц доживеаја дебакл. Макрон го распушти парламентот и распиша предвремени парламентарни избори во земјата откако претрпе пораз од екстремно десничарската партија на Марин Ле Пен.

„Ова е сериозна и тешка одлука, но пред сè е чин на доверба. Доверба во вас, во способноста на францускиот народ да го направи праведниот избор за себе и за идните генерации“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.

„Бидејќи резултатот го принуди Макрон да се врати на гласачките места, го повикувам францускиот народ да дојде и да ни се придружи да го собереме мнозинството во служба на единствената кауза што не води-Франција“, изјави Марин Ле Пен, претседателка на десничарската Национална партија.

Оставка по лошиот резултат најави и белгискиот премиер Де Кро. Во емотивното обраќање признавајќи го поразот им се заблагодари на поддржувачите.

„Сакам да им се заблагодарам на сите волонтери и на сите кандидати од сè срце. Ова беше особено интензивна кампања од дното на моето срце. Ви благодариме на сите што помогнаа“, изјави Александар Де Кро, премиер на Белгија.

Во новиот пратенички мандат во 720-члениот парламент, социјалдемократите освоија 133 места, либералите 82, конзервативците 70, Идентитет и демократија 60, а зелените 53 места.

 

Бојана Крстевски