Иницијатива за измена на Уставот за нов квалитет и повисоки стандарди

28.06.2014 14:29

Измените, како што истакна денеска на прес-конференција премиерот Никола Груевски, се во насока на уставно допрецизирање, подобрување на квалитетот, зголемување на независноста и целосиходно функционирање на системот...

Дефинирање на бракот како заедница меѓу маж и жена, прецизирање на фискалните правила во рамките на буџетот и тоа за буџетскиот дефицит и јавниот долг се меѓу осумте функционални целини за кои Владата на последната седница донесе Предлог одлука да се пристапи кон иницијатива за измена на Уставот на Република Македонија.
 
Измените, како што истакна денеска на прес-конференција премиерот Никола Груевски, се во насока на уставно допрецизирање, подобрување на квалитетот, зголемување на независноста и целосиходно функционирање на системот.
 
Покрај наведените три целини предложено е да се пристапи и кон промена на називот на Народната банка на Република Македонија, воведување на институтот Уставна жалба, промена на составот на Судскиот совет, промена на надлежноста за одлучување по жалба на одлуките на Судскиот совет за избор на судии, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на судија или на претседател на суд и воведување надлежност за одлучување по жалба на одлуките на Советот на јавни обвинители за избор на јавни обвинители, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на јавен обвинител од страна на Уставниот суд, создавање на Уставна можност за формирање на финансиска зона, пристапување кон измени на Уставот, со цел дефинирање на Државниот завод за ревизија како уставна категорија.