Зголемен бројот на колапси и сообраќајни незгоди
Топлото време продолжува. Покачен крвен притисок, мозочни удари. 30 интервенции на Брзата помош, за еден ден како последица од топлотниот бран…

Десетина граѓани викендов колабирале на жешкиот асфалт, имало 16 сообраќајни несреќи, дел со жртви. Тимовите на Итната медицинска помош интервенирале и кај петмина граѓани со мозочни удари и кај десетина со покачен крвен притисок. На топлото време и високиот УВ-индекс најтешко им е на хронично болните.
Тимовите на итната медицинска помош за едно деноноќие имале 100-тина интервенции, од нив 30-тина биле од прв степен на итност. Се делат стотици совети дневно, а еден од нив да не се излегува кога е најтопло. Апел и до возачите на поголема внимателност – високата температура ја намалува концентрацијата.
„Колапсите во овој период се позачестени на јавите места, а викендов имаме и зголемен број сообраќајни несреќи, десетина, меѓу нив имаше и жртви. Топлото време го зголемува и бројот на јавувања и на интервенции кај пациентите со хронични заболувања, особено со хипертензија и мозочни удари, како и нивно пренесување до соодветна установа“, вели д-р Валентина Митреска од Итната медицинска помош.
Метеоролозите за оваа работна седмица прогнозираат многу топло време, на некои места температурата ќе го достигне и 40-тиот степен.
Лекарите секое лето го повторуваат апелот – да не се излегува кога е најжешко. Да се пијат повеќе течности, а хронично болните навреме да ја земаат потребната терапија.
Андријана Ѓурческа
