Каков е ноќниот живот во Тетово?

28.06.2014 16:47

Тетово некогаш го имаше корзото на градскиот плоштад. Таму младите излегувале и се забавувале. Денес нема ништо од ова шеталиште, а и ноќниот живот е некако замрен. Овој пат наш ноќен репортер е Зоран Јованоски кој разговараше со тетовци – што му фали на градот за викенд излегувањата да бидат позабавни...

Концерти, фестивали, промоции, изложби, театарски претстави... Вакви настани секоја вечер се одржуваа во рамки на манифестацијата „Лето на тетовската култура“.

„Многу е убаво кога младите и сите луѓе ќе се сплотат во име на музиката“, вели Ирена Димовска – музичар.

Но завршија десетте дена во кои се славеше уметноста, а со тоа стивнаа и ваквите збоднувања.

Излеговме во петок навечер да го доживееме тетовскиот ноќен живот. Но градот летото го започна без ниту една дискотека, нема кино, нема базен, нема театар... Празна е и уличката која некогаш беше преполно шеталиште.

Бендовските звуци како подготовки пред настап не донесоа во едно кафуле на периферијата. Се одржуваше промоција на новиот албум на овдешна музичка група.

„Постоеше еден период околу 2000 година кога постоеја околу 10-тина бендови. Тоа е солидна бројка за толку мал град и сите функционираа. Сега, реално кажано, има само два – три бенда кои функционираат некако“, смета Роберт Матовски од музичката група „Hight control“.

„Петок беше еуфорија, значи завршува школото, излегуваш во петок, си поминуваш супер... Сега малку е „спласнато“ тоа, но се надевам дека ќе се вратиме на колосек“, рече Милан Миланов – музичар.

Меѓу младите, на промоцијата беа и родителите на членовите од бендот. Ни раскажаа каков бил ноќниот живот пред неколку децении. За нив незаборавно е тетовското корзо кое било на градскиот плоштад.

„Корзото за Тетово во тоа време беше бренд. Таму се среќававме со пријателите, со друштвото и со првите љубови“, се сеќава Драги Симоновски.

„Кај 19:30 часот ќе се дотераш, ќе се облечеш, ќе се дотераш, ќе се намирисаш и со дргарките на корзо, до кај 9:30“, раскажува Нада Симоновска.

Овдешната забава привршуваше, па тргнавме во обиколка на централните градски булевари. Видовме уште две или три кафулиња во кои имаше свирки и уште многу празни.

Тетовските маала околу полноќ замирисуваат на тазе испечен бурек. Во пекарниците штотуку го извадиле од фурните. Барем нешто е како порано! Ова е вкусен и традиционален начин у Тетоо да се заврши викенд – излагањето у чаршија.

Зоран Јованоски