Политика

Во СДСМ продолжува внатрепартиската битка

10.06.2024 14:56

По вчерашното одложување на конгресот, СДСМ продолжуваат со внатрепартиската битка. Од партијата велат дека нов лидер ќе биде избран до крајот на месецот...

„Бојкотот“ на дел од делегатите го одложи отчетниот конгрес на СДСМ по дебаклот на претседателските и парламентарните избори на 8-ми мај. Партијата којашто ја почна постапката за избор на нов лидер викендов не успеа да го заокружи конгресот, кој беше закажан со цел да се анализираат лошите изборни резултати и да се утврдат следните чекори со цел заздравување на партијата. Засега е неизвесно кога конгресот ќе продолжи, но дел од членовите и кандидати за нов партиски лидер сметаат дека станува збор за преседан и револт на незадоволното членство.

Пратеничката на СДСМ Сања Лукаревска вели дека конгресот е одложен поради потребата да се анализира обемниот извештај, тој ќе продолжи. И покрај тоа што голем број од делегатите не присуствуваа, таа смета дека не се случил „конгресен дебакл“ и дека не станува збор за бојкот.

Од партијата велат отчетниот конгрес не е поврзан со внатрепартиските избори за претседател на СДСМ. Нивното претставување во општинските организации ќе почне оваа недела и ќе трае до 28-ми јуни. Четворицата кандидати ќе одат заедно во осум региони каде што ќе ја претстават програмата пред членството.

На 6-ти јуни заврши рокот за кандидирање за претседател на СДСМ. Кандидатури за претседател на партијата поднесоа поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска, поранешниот министер за здравство Венко Филипче, директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и актуелниот заменик-министер за информатичко општество и администрација во техничката влада, Александар Бајдевски.

Вонредните внатрепартиски избори за нов претседател на СДСМ ќе се одржат на 30-ти јуни.

 

 

Игор Панов