Франција

Подем на екстремната десница, дебакл за Макрон на изборите за ЕП

10.06.2024 18:23

Изборите во Европскиот парламент изненадувања. Екстремната десница го има водството. Макрон предизвика политички „земјотрес“ – Франција оди на предвремени избори …

Тешкиот пораз на приврзаниците на претседателот Емануел Макрон, и победата на крајната десница со околу 40 отсто на гласовите, предизвика политички земјотрес во Франција, откако Макрон без никаква обврска одлучи да го распушти Националното собрание на Франција и да распише предвремени парламентарни избори на 30-ти јуни и 7-ми јули.

Неговата одлука предизвика лавина од реакции, најчесто оценета како ризична, играње со оган, руски рулет, коцкање со демократијата. Вечерта имаше и спонтани демонстрации во Париз. За еден месец Франција може да биде владеена од крајната десница, која покрај во Франција стигна на првото место Австрија, на второто во Германија, изедначена во Холандија.

„Резултатот ни е познат. Националниот собир со своите сојузници ќе ги прегазат другите. Макрон нема идеи, левицата е поделена, затоа тоа е целосен харакири“, изјави Жан-Мишел Апати – политички аналитичар Франс Интер.

Влијанието на Француските европратеници и особено на макронистите ќе биде намалено во новиот состав на Европскиот парламент, каде десницата на ЕНП излегува како победник и заедно со социјалистите и демократите (S&D) и Обнови ја Европа (центристи и либерали) го задржуваат мнозинството во Европскиот парламент. Ова и покрај порастот на екстремно десничарските сили.

„Ова беше добар ден за ЕПП, победивме на изборите. Ние сме најсилната партија и гарант на стабилноста. Веќе утре ќе се обратиме до големите политички групи, социјалистите и демократите и групата Обнова на Европа, со кои соработувавме добро во последните пет години и ќе продолжиме да го градиме тој конструктивен и докажан однос“, рече Фон дер Лајен.

Трите најголеми политички групи според привремените резултати ќе имаат 402 пратеници, додека во претходниот состав имаа 417.

Новиот состав на ЕП има 720 пратеници, а за избор на претседател на Комисијата потребно е убедливо мнозинство, односно 361 пратеник.

Вечерта на 17-ти јуни шефовите на државите и владите заедно ќе вечераат во Брисел, за да извлечат поуки од изборите. Тие се надеваат дека ќе се појават со име за секоја од европските „врвни функции“.

 

Тони Гламчевски