ЦУК

Се урна дел од потпорен ѕид на оградата кај Детската клиника, од ЦУК бараат итно постапување на надлежните

10.06.2024 21:47

Се урна потпорниот ѕид и дел од оградата на Државната детска клиника. Пријавата е поднесена од страна на граѓани до Центарот за управување со кризи. Се бара итно постапување од страна на надлежните. Од Град Скопје велат дека потпорниот ѕид кај Детската клиника во Клиничкиот центар, не е во нивна надлежност, туку на Министерството за здравство...

Се урна дел од потпорен ѕид на оградата кај Детската клиника на Клиничкиот центар во Скопје. Граѓани пријавиле на бројот 112. Првиот човек на ЦУК Стојанче Ангелов, бара веднаш да се реши проблемот со потпорниот ѕид за да се спречи поголема катастрофа.

Но не е првпат да биде пријавено, вели Ангелов, а дописи се испратени и до Министерството за здравство, Град Скопје и Општина Центар.

Од Град Скопје се изземаа од одговорност и посочија дека Општина Центар и Министерството за здравство се одговорни за овој проблем.

„Потпорниот ѕид кој е изграден со функција ограда на Клиничкиот центар е надлежност на Министерството за здравство, односно негова изградба/реконструкција може согласно законските и подзаконски акти да прави единствено Министерството или негов орган овластен за истото“, реагираат од Град Скопје.

Ако не се преземат итни мерки за санирање, прашање е на време кога ќе се сруши останатиот дел од ѕидот.

 

Борис Грујоски