Торборн Јагланд реизбран за Генерален секретар на Советот на Европа

29.06.2014 13:12

Досегашниот Генерален секретар на Советот на Европа Торборн Јагланд оваа недела доби втор мандат на оваа функција од страна на Парламентарното Собрание на Советот на Европа. Ова и покрај тоа што некои поранешни членови на ПССЕ со писмо се адресираа до медиумите и до членовите на ПССЕ да повикаат да не гласаат за Јагланд, кој според нив многу повеќе се грижеше за Комитетот на Нбеловата награда за мир со кој претседава, отколку за Советот на Европа...

За норвежанецот Торборн Јагланд гласаа 156 парламентарци од 46 земји членки на Советот на Европа, со оглед дека руската делегација чие право на глас е суспендирано поради украинската криза, не ни дојде во Стразбур.

Додека за германката Сабин Леутхеуссер-Шнаренбергер гласаа 93 парламентарци.  Инаку Гласањето беше тајно.

Кандидатурата за втор мандат на Јагланд предизвика серија напади на неговата личност, како и на неговата работа на чело на најстарата паневропска организација, чии кредити се стопија и таа загуби на видливоста, на сметка на ЕУ.

Но Јагланд, исто како и неговата противкандидатка покажаа внимание за сите земји, така и за нашата. Тие имаа средба со македонските парламентарци во Стразбур, непосредно пред гласањето.

Шефот на македонската делегација, Александар Николоски во разговорите со нив истакнал:

„Прво малите држави како што е нашата да имаат улога, што и се потврдува да имаме потпретстедател на мониторинг комитетот што е исклулчително битна позиција за една мала држава.

Второ, тоа е реформа на комплетната мониторинг постапка, која што е ветена дека ќе биде таква. Заради тоа што постојат држави како Грција на пример, кои не се под мониторинг но не ги исполнуваат стандардите на  Советот на Европа. Кога би се отворил мониторинг, што е барање и на ад-хок комитетот за реформа на мониторинг постапката во која членувам и јас , а е препознато и од новиот генерален секретар, веќе од следната година ќе имаме еднаков пристап кон сите.“

Торборн Јагланд е 13 по ред Генерален секретар на Советот на Европа, тој бил поранешен премиер и министер за надворешни работи на Норвешка, како и на норвешкиот парламент, како и шеф на норвешката лабуристичка партија. Тој е на возраст од 63 години.

Вториот мандат на Јагланд ќе започне на 1 октомври, и тој е со траење од 5 години период за време на кој новоизбраниот генерален секретар ќе има тешка задача да и го врати сјајот на најстарата паневропска организација

Тони Гламчевски