Хамас ја поздрави резолуцијата на СБ на ОН за поддршка на предлогот за прекин на огнот во Газа
Советот за безбедност на Обединетите нации го поддржа предлогот на претседателот Џо Бајден за прекин на огнот во три фази меѓу Израел и Хамас во рок од шест недели. 14 членки на Советот гласаа „за“ резолуцијата, ниту една против, додека Русија беше воздржана.

Советот за безбедност на Обединетите нации го поддржа предлогот на претседателот Џо Бајден за прекин на огнот во три фази меѓу Израел и Хамас во рок од шест недели. 14 членки на Советот гласаа „за“ резолуцијата, ниту една против, додека Русија беше воздржана.
„Овој Совет и земјите од целиот регион го поддржаа договорот. Хамас сега може да види дека меѓународната заедница е обединета. Обединети зад договорот што ќе спасува животи и ќе им помогне на палестинските цивили во Газа да почнат да се обновуваат и заздравуваат“, изјави Линда Томас-Гринфилд, амбасадор на САД во Обединетите нации.
Од Хамас, нејзиниот сојузник, групата Исламски џихад и нивниот ривал Палестинската управа на претседателот Махмуд Абас, ја поздравија резолуцијата и велат дека се подготвени да соработуваат со посредниците за спроведување на планот.
„Нашиот став отсекогаш беше да имаме итен прекин на огнот за да запре убивањето на нашиот народ. Оваа резолуција е чекор во таа насока. Сакаме да го видиме спроведувањето на целта за целосно запирање на борбите и да имаме хуманитарна помош за нашите луѓе, до нивото што им е потребно“, изјави Ријад Мансур, палестински амбасадор во ООН.
Американскиот државен секретар е во посета на Блискиот исток од каде што ги повика владите на земјите во регионот да го притиснат Хамас да го прифати предлогот за прекин на огнот.
„Сега е на ред на Хамас да го одобри овој договор. И јасно е дека исходот од овој договор сака да го види целата меѓународна заедница, семејствата на заложниците и луѓето од Газа на кои очајно им е потребен“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.
„Разговаравме со Американците, тие се посветени на договор. Тие разбираат дека треба да се договориме“, изјави Јаир Лапид, шеф на израелската опозиција.
Покрај тековната војна и меѓународниот притисок, владата во Тел Авив се соочува со политичка криза откако министерот за одбрана Ганц ја напушти владата на Нетанјаху. Во тек се и антивладини протести со барање за крај на војната.
Маријана Димовска
