Пронајдена некрополата на античкиот град Баргала
Се претпоставува дека некрополата е од 3-4 век. Во тек се истражувања на средновековната некропола и на просторот околу градската базилика...

По неколку години работа и истражување на т.н. Џамалџиски гробишта, штипските археолози ја пронајдоа некрополата на Баргала. На местото, каде жителите од доцноантичкиот град ги погребувале мртвите околу 3 и 4 век, се ископани 9 остатоци од тела, од кои еден е на воен великодостјник.
„Пронајдовме четири белегзии, два прстена и една војничка секира која упатува дека се работи за војник, однсно воен достоинственик“, вели Мите Штерјов, виш конзерватор.
Ископувањето на еден скелет во просек трае од 6-8 часа.
„Најнапред започнуваме од черепот и потоа постепено одиме надолу, се’ до долните екстремитети“ изјави Зоран Николов, археолог.
Освен трпение, неопходна е и голема внимателност.
„Самата ситуација бара прецизно и внимателно работење, со ситни алатки“ , изјави Киро Спасов, студент на археологија.
Во моментов, на Брагала се работи на истражување на средновековната некропола и на просторот околу градската базилика.
„Се истражува во делот на улицата која е веднаш покрај базиликата и која најверојатно комуницира со главната градска улица“ изјави Миланчо Манески, археолог.
Инаку, доцноантичкиот град Баргала се простира на територија од околу 4,5 хектари и се претпоставува дека во него живееле приближно 5.000 луѓе.
Пронајдените монети зборуваат за најмалку триипол вековна традиција на континуирано живеење во Баргала. Денес, Баргала е едно од главните туристички локалитети и атракции на источниот регион и овде, годишно, доаѓаат околу 7.000 - 10.000 туристи.
Оливера Жежова
