Нова влада до 20 јуни, објавени дел од имињата на министрите
Течат роковите за формирање на новата влада. Засега, многу шпекулации за имињата, но, и покрај најавите дека ќе се случи брзо, сè уште нема официјална потврда кој ќе ги предводи ресорите во кабинетот на Мицкоски…

Изет Меџити ќе биде прв вицепремиер и министер за екологија. Коалицијата „Вреди“ ги потврди кадровските решенија во новиот владин кабинет. Арбен Таравари повторно ќе раководи со ресорот здравство, Касами, пак, од движењето БЕСА ќе се врати на Тетово, за да го заокружи мандатот кој успешно го започна.
„Вреди“ ќе има двајца албански вицепремиери во новата извршна власт. Сериозен кандидат за вицепремиер за добро владеење ќе биде и Арбен Фетаи од „Алијансата за Албанците“ од крилото на Таравари. За вицепремиерското место за евроинтеграции, деновиве треба да одлучи „Алтернатива“. БЕСА треба да ги даде своите предлози за министерските места за економија и социјална политика.
ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека имињата на нивните владини претставници ќе бидат објавени непосредно пред конечната одлука за формирање на новата влада или најдоцна до 20-ти јуни. Мандатарот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по добивањето на мандатот од претседателката Сиљановска – Давкова, најави дека тоа ќе се случи пред законскиот рок.
Во владиниот кабинет резервирани се две министерски места за Движењето ЗНАМ.
Со измените на Законот за државна управа што беа изгласани викендот се овозможува да се спроведе најавената промена во организацијата на министерствата и агенциите. Новата влада ќе има 20 министерства, четири повеќе од досегашната.
Марина Стојанова-Тонева
