Во Берлин нов сигнал на солидарност со Киев
Дводневна конференција за поддршка и обнова на Украина, уништена по руската инвазија. Зеленски повика на помош за реконструкција на електричната мрежа во неговата земја...

Во Берлин нов сигнал на солидарност со Киев. Дводневна конференција за поддршка и обнова на Украина, уништена по руската инвазија. Зеленски повика на помош за реконструкција на електричната мрежа во неговата земја, обновувајќи ги и повиците за поголема воена помош.
„Украина ги има сите природни основи за модерна енергија, но без ваше финансирање и инвестиции, нема да можеме да го реализираме ова. Ние сме способни да ја истераме руската армија од нашата земја. Докажавме дека со модерен систем за противвоздушна одбрана можеме да собориме руски ракети и беспилотни летала. Ова е клучно да се лиши Русија од каква било предност што ја има засега на небото“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.
Пораката ја повтори и германскиот канцелар Шолц, кој рече дека Светската банка проценила дека за обнова и модернизација на Украина ќе бидат потребни инвестиции од речиси 500 милијарди долари во следните 10 години.
„И покрај војната нема намалување на германските инвестиции. Нашиот обем на тргување е значително зголемен во споредба со предвоената ера. Неколку месеци од војната заедно цврсто ѝ ветивме на Украина-нејзината иднина лежи во Европската Унија. И тоа важи. Оттогаш Украина го започна својот пат кон ЕУ под најлоши околности“, изјави Олаф Шолц – германски канцелар.
Претседателката на Европската комисија фон дер Лајен изјави дека на Украина мора да ѝ се помогне да се подигне од пепелта и да господари со својата иднина.
„Русија се бори за минатото, Украина се бори за подобра иднина. Русија уништува, Украина ја брани својата земја. И овој контраст никаде не е поостар отколку во зафатениот град Харков. Путин мора да пропадне и Украина мора да победи“, изјави Урсула фон дер Лајен – претседателка на Европската комисија.
По втората светска војна, Маршаловиот план, меѓу другото беше израз на солидарност кон разрушената Европа, а денес е неопходен нов вид Маршалов план за разрушената Украина-потенцираше македонската претседателка Сиљановска-Давкова во своето обраќање од Берлин. Дводневната конференција, доаѓа пред самитот на Групата седум на водечките западни сојузници на Украина во Италија и глобалниот мировен самит во Швајцарија претстојниот викенд.
Бојана Крстевски
