Учебна година

Училиштата без клими, родителите бараат прекин а наставата

11.06.2024 14:56

Почнаа горештините. До лани, училишната година завршуваше на 10-ти јуни. Ама се воведе пролетен распуст, па, учениците уште некој ден ќе останат во клупите. А, таму нема клими. Родители веќе добивале повици да си ги земат децата оти нема услови за настава...

Високите температури ја отежнаа наставата во дел од скопските училиште. Во основното Климент Охридски учениците како под вршник. Зградата која е стара 100 години не е климатизирана, па единствено што можеа наставниците да направат е ширум да ги отворат вратите и прозорците.

Директорката Симоновска вели дека учениците и наставниците веќе губат концентрација, а имале и случаи каде на неколку основци им било лошо. Поради немање услови за одржување на настава, бараат на 10-ти јуни да заврши годината.

На иста линија и невладината „Промени се“. Оттаму сметаат дека македонските училишта немаат услови за одржување на настава на 40 степени. Бараат МОН да ја поништи одлуката и прашуваат кој ќе одговара доколку нешто им се случи на наставниците и учениците како последица од топлотниот бран.

Конечната одлука, дали ќе прекине наставата ја има министерот за образование.

Ова е прва година како МОН одлучи да воведе пролетен распуст за учениците и да ја продолжи учебната година до 17-ти јуни. Во изминатите денови откако земјава е зафатена од топлотен бран, родители реагираа на социјални мрежи дека поради високите температури биле повикани во училиштата за да си ги земат децата.

 

Викторија Милевска