одговорност

И Општина Центар се прогласи за ненадлежна за урнатиот потпорен ѕид кај Детска клиника

11.06.2024 15:34

Институциите си ја префрлаат одговорноста како пинг-понг топче. Откако Град Скопје соопшти дека нема надлежност за урнатиот потпорен ѕид и ограда кај Детската клиника, денеска и Општина Центар се прогласи за ненадлежна. Оттаму покажаа договор, според кој градските власти ја презеле обврската за улицата „Белградска“...

Институциите ја префрлаат одговорноста за тоа – кој е надлежен за санација на потпорниот ѕид кај Детската клиника на улицата „Белградска“.

Градоначалникот на Центар, Герасимовски, ја демантира градоначалничката на Скопје, Арсовска. Тој покажа договор склучен во август 2019 година меѓу нив и градот, со кој обврската за проектирање, изградба, користење, заштита и одржување на улицата се во надлежност на градските власти. Герасимовски вели – проблемот се провлекува со години, доколку ингеренциите беа под општината, потпорниот ѕид одамна ќе беше саниран.

„Врз основа на овој документ сите ингеренции од 2019-та и не само на улицата „Белградска“ и на дел од други улици во Општина Центар, целосно се под градот Скопје. Ние пред две години имавме допис од ЦУК каде што се произнесовме во тој дел, односно го споделивме договорот каде што јасно е наведено кои се нашите ингеренции и кои ингеренции ги презема градот Скопје. Доколку досега ингеренциите беа под општината проблемот ќе беше саниран многу одамна“, изјави Горан Герасимовски – градоначалник на Општина Центар.

Од Министерството за здравство велат дека паднатиот потпорен ѕид е изграден на државно земјиште и оти треба да се најде координирано решение.

„Секој од објектите во Клиничкиот центар има право на користење на објектите, но нема доделено право на трајно користење на земјиштето околу клиниките. Во интерес на граѓаните, потребно е да се изнајде итно решение во заеднички напори со надлежните институции, градот Скопје и Општина Центар кои треба да бидат иницијатори за решавање на проблемот, поради тоа што се работи за улица, а надлежните инспекциски служби да дадат мислење за моменталната безбедност“, пишува во соопштението на Министерството.

И од Градот се изземаа од одговорност и посочија дека Општина Центар и Министерството за здравство се надлежни за овој проблем.

Додека институциите ја префрлаат одговорноста, од ЦУК повикуваат на итна координација на надлежните за надминување на опасноста, алармираат дека ако не се преземат итни мерки за санирање, прашање на време е кога ќе се урне и другиот дел од ѕидот. Според нив, до оваа состојба дошло поради подземни води.

Центарот за управување со кризи со години алармирал за лошата состојба во којашто се наоѓа потпорниот ѕид, но и покрај тоа ниту една институција досега не реагираше.

 

Андријана Ѓурческа