На југот од земјава високи температури од портокалова фаза

11.06.2024 16:14

Денеска и утре во неколку општини од Југоистокот на земјава високи температури од портокалова фаза, заради што Владата вчера издаде препораки до граѓаните. Топлотниот бран најмногу ќе биде изразен во Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран …

Јужниот и дел од државата денеска и утре ќе бидат зафатени од високи температури кои ќе стасаат и до 40-тиот степен. Владата по препорака на Министерството за здравство на вонредна седница препорача ослободување од работните обврски на најранливите групи население, односно бремените жени и лицата на возраст над 60 години.

Владата препорача општините Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран каде е прогласена портокалова фаза да пружат помош на осамени, стари и изнемоштени лица во соработка со Црвениот крст а децата во градинките да не се изнесуваат на отворено во периодот од 11 – 17 часот.

На претпазливост апелираат и лекарите. Според нив граѓаните а посебно хронично болните да не излегуваат на сонце и редовно да ја примат редовно препишаната терапија.

Парковите и дебелите сенки се најпосакуваното место на граѓаните на Југоистокот овие денови.

Освен делови од Југоистокот и скопскиот и вардарскиот регион овие два дена ќе бидат зафатени со високи температури но од жолта фаза.

 

Ване Трајков