Конференција за обнова на Украина
Конференција за обнова на Украина во Берлин. Се проценува дека ќе бидат потребни 500 милијарди долари во наредните 10 години. Зеленски побара поголема воена помош. Говореше и македонската претседателка Сиљановска-Давкова. Таа рече дека не е доволно да се инвестира само во патната и во енергетската инфраструктура, туку и во човечката, образовната, социјалната и нормативната инфраструктура …

Во Берлин нов сигнал на солидарност со Киев. Дводневна конференција за поддршка и обнова на Украина, уништена по руската инвазија. Зеленски повика на помош за реконструкција на електричната мрежа во неговата земја, обновувајќи ги и повиците за поголема воена помош.
„Украина ги има сите природни основи за модерна енергија, но без ваше финансирање и инвестиции, нема да можеме да го реализираме ова. Ние сме способни да ја истераме руската армија од нашата земја. Докажавме дека со модерен систем за противвоздушна одбрана можеме да собориме руски ракети и беспилотни летала“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Пораката ја повтори и германскиот канцелар Шолц, кој рече дека Светска банка проценила за обнова и модернизација на Украина дека ќе бидат потребни инвестиции од речиси 500 милијарди долари во следните 10 години.
„И покрај војната, нема намалување на германските инвестиции. Нашиот обем на тргување е значително зголемен во споредба со предвоената ера. Неколку месеци од војната заедно цврсто ѝ ветивме на Украина-нејзината иднина лежи во Европската унија“, изјави Олаф Шолц, германски канцелар.
Претседателката на Европската комисија фон дер Лајен изјави дека на Украина мора да ѝ се помогне да се подигне од пепелта и да господари со својата иднина.
„Русија се бори за минатото, Украина се бори за подобра иднина. Русија уништува, Украина ја брани својата земја. И овој контраст никаде не е поостар отколку во зафатениот град Харков. Путин мора да пропадне и Украина мора да победи“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Обновата на Украина е и обнова на европската и на светската солидарност и емпатија-потенцира македонската претседателка Сиљановска-Давкова во своето обраќање од Берлин.
„Соочени сме со насушна потреба од нов Маршалов план. Она што по Втората светска војна го направија САД за разурнатата Европа, сега Европа е во можност да го стори истото за Украина. Ние и досега покажавме дека сме линија на Европската надворешна и безбедносна политика не само што и помагаме на Украина како членка на НАТО со издвојување на 2 проценти туку и колку што можевме политички воено па и економски“, изјави Гордана Сиљановска Давкова, претседателка на Р. Северна Македонија.
Дводневната конференција, доаѓа пред Самитот на Групата седум на водечките западни сојузници на Украина во Италија и глобалниот мировен самит во Швајцарија претстојниот викенд.
Бојана Крстевски
