Течат роковите за нов состав на Влада, објавени дел од имињата на министрите
Роковите течат за нов состав на Влада. Додека ВМРО-ДПМНЕ итро ги крие имињата на владините министри, од коалицијата „Вреди“ открија дел од лицата кои ќе ги предводат ресорите, кои се пет на број. Тројца министри и двајца вицепремиери, од кои еден е Изет Меџити, а Арбен Таравари е идниот министер за здравство …

Мандатарот Мицкоски ќе објави кои ќе бидат функционерите во новиот владин кабинет пред формирањето на Владата и истекувањето на законскиот рок од 20 дена. Коалицијата „Вреди“ ќе има 5 ресори, потврди Арбен Таравари. Две вицепремиерски места и три министерски. Прв вицепремиер и министер за екологија ќе биде Изет Меџити. Арбен Таравари ќе биде министер за здравство. Вицепремиер за евроинтеграции треба да предложат од Алтернатива. Министер за економија и министер за социјална политика од БЕСА, но тоа нема да биде лидерот Касами кој ќе остане градоначалник на Тетово.
Таравари соопшти дека останува отворено вицепремиерското место за добро владеење, кое нема да припадне на коалицијата „Вреди“. Познато е дека две министерски места се резервирани за движењето ЗНАМ. Таравари потврди дека се усогласени директорските места, но кога ќе биде изгласана новата Влада зависи од мандатарот.
Остануваат две недели за поднесување на составот на новата Влада во Собранието.
Ирина Гелевска
