Хамас подготвен за натамошен дијалог за прекин на огнот во Газа
Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш ги вклучи израелската војска и Хамас на годишната црна листа на сторители кои им наштетуваат на децата. Израел и Хамас бараат планот на Бајден за примирје да ги поддржи нивните цели. Катар и Египет го разгледуваат одговорот и потврдија дека ќе продолжат со посредувањето со САД. И Вашингтон го разгледува одговорот на Хамас...

Ниту една земја не е над законот и Израел не може да продолжи да дејствува неказнето и да го крши меѓународното право, став на јорданскиот министер за надворешни работи. Забелешките следат откако лидерите од светот се собраа во Јордан на конференцијата за помош на Газа.
„Ние го повикувавме светот да преземе акција против Израел, да воведе санкции за Тел Авив, да го повика на одговорност за кршење на меѓународното право и хуманитарното право. Меѓународното право мора да се применува за сите, на ист начин“, изјави Ајман ал-Сафади, министер за надворешни работи на Јордан.
„Работиме на обезбедување сè што е потребно за отворањето на премините и Израел да ја исполни одговорноста како и да го почитува меѓународното и хуманитарно право, кое продолжува да биде систематски прекршувано“, изјави Самех Шукри, министер за надворешни работи на Египет.
Генералниот секретар на Обединетите нации вели дека е крајно време за прекин на огнот. Изјавата следи еден ден откако Советот за безбедност со големо мнозинство ја одобри резолуцијата за ставање крај на осуммесечната војна меѓу Израел и Хамас. Претходно, од милитантна група потврдија дека ја прифаќаат резолуцијата за ставање крај на војната и се подготвени да преговараат за деталите.
„Ужасот мора да престане. Крајно време е за прекин на огнот, заедно со безусловно ослободување на заложниците. Ја поздравувам мировната иницијатива. Ги повикувам сите страни да ја искористат оваа можност и да постигнат договор и да ги почитуваат обврските од меѓународното хуманитарно право“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на Обединетите нации.
Според аналитичари, резолуцијата е симболична и важно е како истата ќе биде спроведена на терен.
„Ова е важно гласање, но е симболично. Имаме голем дел од меѓународната заедница која се согласува и се залага за траен прекин на огнот. На крајот на денот, Израел сè уште има копнен упад во Рафах. Сè уште ги гледате цивилите во Газа кои страдаат“, изјави Маја Унгар, аналитичар на ООН, меѓународна кризна група.
Во меѓувреме, Тајмс оф Израел“, повикувајќи се на неименуван израелски функционер, пишува дека Хамас го отфрлил предлогот за примирје.
Маријана Димовска
