Годишна изложба

„Поместени граници“ – Групна изложба на ДЛУМ

12.06.2024 10:33

Изложбата „Поместени граници“ е веќе традиционална изложба од годишната програма на ДЛУМ, одобрена од Министерството за култура. Оваа година, изложбата има за цел со иновативен артистички пристап да го промовира новиот простор на ДЛУМ на Бул. „Илинден“ 63, Скопје...

Изложбата „Поместени граници“ е веќе традиционална изложба од годишната програма на ДЛУМ, одобрена од Министерството за култура.

Оваа година, изложбата има за цел со иновативен артистички пристап да го промовира новиот простор на ДЛУМ на Бул. „Илинден“ 63, Скопје.

Примарната цел на претстојниот настан е да го означи почетокот на новото поглавје за Друштвото и да привлече внимание и поддршка за реновирање и адаптација на просторот. Друштвото на ликовни уметници на Македонија ова претставување го разработи во соработка и активно учество на Уметничкиот совет на ДЛУМ и ко-кураторот Стефан Александар Јовановски.

Изложбата „Поместени граници“ и целиот настан има за цел активно да ги вклучи членовите на ДЛУМ, сите генерации уметници, како и целата културна јавност во поддршка за активирање на овој нов простор

Темата на „Поместени граници“ е концепт во кој ликовните уметници ги истражуваат различните конотации на границите, без разлика дали се физички, имагинарни, природни, реални, политички или емотивни, кои ги разграничуваат и завршетоците и почетоците.

Изложбата вклучува дела на етаблираните автори: Душан Перчинков, Симон Шемов, Коле Манев, Васил Василев, Костадин Танчев – Динка, Ана Темкова и помладите автори: Ана Трајковска, Ана Спасова, Тања Ристевска, Дорина Тенева, Кристијан Јованоски, Игор Танески и Ана Вчкова.

Дизајнот на креативата на проектот е дело на Христијан Санев, како и основната идеја на годинешната изложба.

Оваа година, концептот на изложбата е делата да се изложат виртуелно, заради специфичноста и руинираноста на просторот во оваа фаза. Концептот предвидува стратешко поставување на QR-кодови низ просторот преку кои ќе се претстават делата на уметниците, истакнувајќи ги потенцијалните позиции за идни уметнички инсталации.

Изложбата ќе ја отвори претседателката на ДЛУМ, проф. д-р Јана Манева Чупоска, претседателката на Уметнички совет проф. д-р Маја Рауник Кирков, ко-кураторот Стефан Александар Јовановски, претставник на присутните колеги уметници.

Отворањето ќе биде на 13.6.2024 г., четврток, во 19.00 часот пред фонтаната „Лотус“ во Градскиот парк во Скопје.