БЛИСКИ ИСТОК

ОН ги обвини Израел и палестинските вооружени групи за злосторства против човештвото

12.06.2024 11:34

Вашингтон го разгледува одговорот на Хамас по резолуцијата на Обединетите нации за прекин на огнот. Во меѓувреме, светската организација го обвини Израел и палестинските вооружени групи за кршење на меѓународното и хуманитарното право во Газа. Не мирува оружјето и на израелско-либанската граница. Ликвидиран висок командант на Хезболах...

Дипломатски напори за ставање крај на војната во Газа. Откако Хамас ја прифати резолуцијата на ООН за прекин на огнот, од Вашингтон велат дека го разгледуваат одговорот. Резолуцијата повикува на целосно запирање на борбите на шест недели.

„Го добивме овој одговор што Хамас им го достави на Катар и Египет и во моментов го оценуваме. Претседателот прецизно ги идентификуваше деталите за тоа што ќе се случи во втората фаза. Идејата е да се дојде до првата фаза и да се искористат шесте недели за кое време ќе почнат преговорите за втората фаза“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност.

Генералниот секретар на Обединетите нации од конференцијата во Јордан за помош на Газа, истакна дека е крајно време за прекин на огнот. Според аналитичари, резолуцијата е симболична, но важно е да биде спроведена на терен.

„Ужасот мора да престане. Ја поздравувам мировната иницијатива. Ги повикувам сите страни да ја искористат оваа можност и да постигнат договор и да ги почитуваат обврските од меѓународното хуманитарно право“, изјави генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.

Во меѓувреме, истрагата на ООН заклучи дека Израел и израелските и палестинските вооружени групи извршиле злосторства против човештвото и кршење на меѓународното и хуманитарното право во Газа. Јордан пак, тврди дека ниту една земја не е над законот и Израел не може да продолжи да дејствува неказнето. Египет бара отворање на премините за проток на хуманитарна помош.

„Ние го повикувавме светот да преземе акција против Израел, да воведе санкции за Тел Авив, да го повика на одговорност за кршење на меѓународното право и хуманитарното право. Меѓународното право мора да се применува за сите, на ист начин“, изјави јорданскиот министер за надворешни работи, Ајман ал-Сафади.

Над 100 ракети изутрина биле истрелани од Либан кон северен Израел. Хезболах, кој е сојузник на Хамас, речиси секојдневно разменува оган со израелските сили од почетокот на војната на 7- ми октомври. Во израелски напад, пак, е убиен висок командант на Хезболах.

 

Маријана Димовска