Струга

Зачестени случаи на каснувања од змии во охридскиот регион

12.06.2024 14:45

Само во два месеци забележани се три случаи на каснувања од змии охридскиот регион. Лани во текот на целата година имало толку. Последниот случај е турист од Холандија, кој бил каснат на охридското кале, тој е во стабилна состојба. Лекарите велат, најважно е да не се паничи и навреме да се побара лекарска помош.

Зголемен е бројот на каснувања од змии во охридскиот регион. Во два месеци три случаи. Последниот е турист од Холандија, кој бил каснат од отровна змија на охридското кале. Тој беше транспортиран во болницата во Дебар, бидејќи тоа беше единствената во блискиот регион, каде што во моментот имаше серум. Во охридската болница веќе е набавена комплетната терапија, а пациентот е во стабилна состојба.

Лекарите велат, најважно е да не се паничи и навреме да се побара лекарска помош.

„Треба да не ја подврзувате раната односно местото на угризот, да не вшмукувате крв, да не ја подгорувате, ниту да ја отворате ниту да ја стискате. Не смее да се трча и паничи бидејќи во тој момент се забрзува циркулацијата и ќе се забрза ширењето на евентуално испуштениот отров. Лицето треба да седи или да лежи и во најбрз можен рок да биде пренесено до најблиската болница“, вели д-р Кристина Митреска, општ лекар.

Граѓаните велат, потребно е редовно одржување на зелените површини, но и поголемо внимавање во природа.

„Да е чисто да е покосено да нема многу трева. Змиите штом ги стапнеш, касаат. Да ги тепаш не смееш“, вели локален жител.

„Како да се заштитиме од напад на змии? Треба внимавање, да се внимава каде да се оди. Нема заштита. Да е чисто“, додава друг.

„Да внимаваат повеќе, што да кажам. Да се внимава, тука градот нема што да превенира. Да се внимава повеќе“, порача локален жител.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат постои опасност од присуство на змии во објекти во населени места, доколку дојде до угриз граѓаните да се јават на бројот 112.

 

Соња Рилковска