ДКСК: Функционери не поднеле анкетни листови, предметите им застареа
Антикорупционерите запреа десетици предмети кои се однесуваа на застарени прекршочни пријави за кои немало постапување во рок од две години. Речиси сите се однесуваат на јавни функционери или именувани лица, кои не поднесле изјави за имотна состојба во рок од 30 дена по назначувањето или после разрешувањето со што го прекршиле законот...

Ем земале јавни пари за вршењето на функцијата, ем не го почитувале законот не поднесувајќи имотни листи, и на крајот десетици службени и именувани лица куртулија од казни поради застареност на предметите повеќе од две години.
Антикорупционерите со детали за секој поединечно посочуваа дека, поради непреземање процесни дејствија во рок од две години откако Комисијата им го утврдила прекршокот мора да ја запрат постапката.
На прсти можеа да се избројат прекршочните глоби, кои морале да си ги платат дел од функционерите или кои се во постапка пред прекршочната комисија при институцијата.
МТВ праша кој требало да ги преземе процесните дејствија за прекршочните постапки, но од Комисијата ни одговорија дека за причините поради кои е дојдено до застарување кај овие предмети, актуелниот состав не може да се произнесе.
Фиљана Кока
